Ели Секуловска: „Се преселив на Занзибар за да отворам свој хотел и сакам да вработам локалци за да ги поддржам нив и нивните семејства“

„Често локалците таму ми велат „Вие од Европа можеби имате пари, но не сте среќни“. Конкретно мојот хотел ќе биде повеќе во европски стил во поглед на ентериер и внатрешен дизајн, а екстериерот го налага владата и законите со цел зачувување на традицијата и автентичноста на градот“ – раскажува за CRNOBELO.com Ели (26) која претходно работела во банка во Скопје, а сега живее на Занзибар. 

Ели Секуловска од Скопје, со претходно работно искуство во банка, на своите 26 години одлучи да заплива во водите на сопствен бизнис и тоа на Занзибар, каде неодамна се пресели. 

Уште како дете била темпераментна, динамична, борбена личност. Спортот придонел во градење на нејзиниот карактер затоа што се занимавала со професионално пливање од 4 до 18 години.

Зад себе има Балкански и Европски првенства, има добиено над 200 медали како и трофеи за најдобар пливач во женска конкуренција во далечинско пливање на патека од 10 километри. На крај, патот ја одвел на остров среде Индискиот Океан.

Ели за CRNOBELO.com открива зошто решила да се пресели на Занзибар и да започне еден поинаков бизнис…

До неодамна имаше однапред утврдено секојдневие: работа во банка, по некоја слободна активност и брз начин на постоење што е својствен за градовите. Но, денес со секое ново будење се испишува поразлична приказна од претходната. Елена, како заврши на Занзибар?

Ова е апсолутно голема промена за мене, но можеби и не толкав шок за фамилијата и пријателите со оглед на фактот дека за помалку од една година сум четирипати овде.

Дури во еден од коментарите на мојот Инстаграм профил стои „zanzi girl“. Конкретно на Занзибар заминував секогаш кога ќе ме совладаше притисок, тензија, напната атмосфера и ми требаше издувен вентил.

Занзибар беше полначот кој несомнено знаеше како да ми ги наполни батериите. По секое мое враќање во Македонија, ширев позитива и моите импресии никого не оставаа рамнодушен.

Инспирирав многу луѓе да го посетат овој остров и да ја почувствуваат магијата, се надевам во иднина ќе ги има уште во поголем број.

Пред да продолжиме понатаму сакам да се навратиме малку во минатото. Со што си замина по првата посета на Занзибар во 2021 година?

Си заминав со коктел од емоции. Апсолутно најголемата авантура која некогаш сум ја доживеала. Од една страна мојата омилена дискотека „Coccobello“ која е поим за журка во вистинска смисла, необични шоуa кои овие луѓе ги приредуваат, феноменални денсери кои не можам да ги споредам со никого и никаде.

Африка и онака е позната по музиката и танцот, па кога гледаш дека некој го прави тоа толку добро, посакуваш и ти. Не е чудо што почнав да посетувам школа за афро денс и има една тајна која засега ќе остане, се надевам ќе има следна прилика да ја публикувам. И нормално коктелот нема да е целосен ако нешто не те здрма.

Од другата страна е училиштето како најемотивниот момент кој никого не остави рамнодушен. Лимен кров, прозорци од решетки, на килим седнати ученици, а они толку среќни. Често велат „Вие од Европа можеби имате пари, но не сте среќни“.

Среќата е во малите нешта, да се биде среќен малку треба. Нè опишуваат како луѓе кои постојано брзаат, живеат под притисок затоа што тоа им го налага работата и животот, постојано нешто бркаат и секој ден исто.

Драги мои, луѓето овде се апсолутно спротивно. Овие луѓе живеат во ритамот на Hakuna Matata – Don’t worry! Take it easy!

Често ми довикуваат pole, pole сакајќи да ми кажат „Полека, не брзај“, а јас толку улетана што не знаеш дали одам или џогирам.

Луѓето овде живеат без стрес, а вие дневно колку пати стрес доживувате?

Понесена од убавините на оваа дестинација, твоето второ доаѓање на Занзибар беше како враќање на веќе познат терен. Меѓутоа и тогаш многу работи светнаа пред твоите очи, што најмногу те освои за време на втората посета?

Идејата за Занзибар ја добив по првата посета на островот со моите омилени џангловци – Jungle Travel, кои толку добро ни го пренесоа Занзибар, што си реков ова место нема да го посетам само еднаш.

Со оглед на тоа дека островот го познавав доста добро, моето второ доаѓање на Занзибар беше осврнато на ноќниот живот, журките, новите пријателства и афро денсот.

Што ако ви кажам дека вториот пат поминав појако и од првиот?! Можеби затоа што секое следно доаѓање овде е нешто ново, неоткриено, мистериозно.

Клучен момент од втората посета е мојата пасија, амапиано музиката. Од тој ден па сè до денес мојата плејлиста за друго не слушнала.

Одлучноста да заминеш по третпат веројатно претставуваше моментот кога сакаше да заминеш од сè она што ти беше познато до тогаш. Што поточно се случи по слетувањето на аеродромот во Стоун Таун?

По слетувањето на Abeid Amani Karume Internation Airport поздравив неколку вработени на аеродромот на нивниот свахили јазик, а тие пресреќни зошто белче знаело нешто да гукне.

Следуваа неколку основни реченици конверзација, па ме прашаа од каде знам. Им одговорив „Завртете низ пасошот и ќе видите по кој пат сум овде, домородецот ви дојде“.

Ова беше мојот трет пат на Занзибар, па по што си дојдов тоа и си најдов. Го најдов местото на кое моментално вложувам.

Уште поинтересно е заминувањето кон Македонија. Во авион запознав пријател од Велика Британика кој е туристички водич по националните паркови и сафари во Танзанија.

Си реков како е ова можно, од цел авион баш овој човек да седи до мене и на некој начин да биде моја конекција за соработка во иднина. Јас лично, верувам во знаците кои ни ги пружа животот со оглед на тоа дека ништо не е случајно.

По престојот во хостелот, запознавав и двајца пријатели од Дубаи кои работат маркетинг, видео едитирање и слично, па понесени од мојата визија и храброст истакнаа дека сакаат да работат на маркетингот на хотелот. Сето ова ми даде елан да продолжам во остварување на идејата и мојот план да стане реализација.

Од толку многу места во светот зошто одбра да вложиш токму во Занзибар?

Понесена сум од енергијата и вајбот кои ги дава Занзибар. Понесена сум од вечното сонце и тропската клима. Сето тоа е предуслов за добро расположение. Нели „Што зрачиш, тоа привлекуваш“.

Животот ни е еден и сакам да го живеам со полни гради и со полна пареа. Често мајка ми вели: „Ели, ти му се радуваш на животот“.

Можеби и затоа се поврзав со ова место и овие луѓе. Ја чувствувам нивната енергија, а и тие мојата. И кога би ми се појавиле брчки, би сакала први да бидат оние од смеење.

Како го замислуваш хотелот и што е она уникатното што би ги привлекувало туристите?

Конкретно мојот хотел ќе биде повеќе во Европски стил во поглед на ентериер и внатрешен дизајн. Додека екстериерот го налага владата и законите со цел зачувување на традицијата и автентичноста на градот што е многу необично.

Сите градби се толку слични што многу често и јас знам да залутам по некоја уличка. Она што ќе биде атрактивно за гостите се пред сè собите со smart TV, Netflix, YouTube итн. што е многу супер особено во денови кога навистина сакаш да одмориш и вечерта да ја поминеш во хотел со некоја чаша вино или пиво доколку сте љубители.

 

За гостите кои ќе престојуваат повеќе од две вечери следува бесплатна прошетка и запознавање на главниот град на островот, Стоун Таун во придружба на локален, лиценциран водич.

Општо познато е дека мештаните на Занзибар се пријателски настроени и знаат англиски јазик. Каков е твојот однос со локалците? Како е да се биде пријател со нив?

Точно! Нajдружељубивиот народ кој некогаш сум го запознала. Без разлика што не ве познаваат, тие ве поздравуваат. Доколку барате помош или прашате за конкретна локација, не се чудете да бидете придружени од личноста која сте ја прашале до местото кое го барате.

За возврат не бараат ништо, едноставно обожаваат да се дружат и да дознаваат нешто повеќе за земјата од која доаѓате. Конкретно, мојот однос со мештаните е феноменален.

Веќе имам и свој круг на пријатели, а голем дел од нив ме викаат дада. Тоа ќе бидат и мои вработени затоа што сакам да ги поддржам нив и нивните фамилии.

Постарите луѓе знаат да ми се обратат со ќерко, што за мене е многу слатко и звучи посакувано и прифатено.

Со самото тоа што се пресели тука, мораше да се одвикнеш од македонската кујна и да се навикнеш на нивната. Како изгледа твоето дневно мени на Занзибар периодов?

Со оглед на фактот дека Занзибар е остров на зачините, а јас не преферирам зачини, на почетокот бев скептична како ќе се справам со оваа храна, но си велев ако ништо друго морската храна е прекрасна.

 

Сега можам комплетно да кажам дека во менито ја скокам европската храна. Моето мени не е комплетно доколку нема urogjo, shawarma, kalimati, biryani masala, chicken curry со Indian naan.

Да речеме во посета ти доаѓаат твоите пријатели, на кои места би ги одвела за да го доживеат Занзибар на вистински начин?

Би започнала од Стоун Таун – главниот град на островот. Тесните улички кои низ камените куќи водат до куќата на Фреди Меркјури до локалниот Дараџани маркет – гарантирано една од најуникатните работи кои сум ги видела.

Хаотична атмосфера, ценкање, бука, мирис на риба, жени кои шетаат со садови на главата, такси тук-тук, моторчиња бода-бода, запрежни коли, скокцкано сè на едно место.

Од градот околу 30 минути возење со бротче се наоѓа Prison Island. Остров каде некогаш се држеле затвореници и робови, но денес е мирно место и живеалиште на џиновски желки.

Од западен продолжуваме кон источен Занзибар и посета на селото Паџе – едно од најпопуларните места на светот за кајтсурф. Неверојатни коктели, храна, музика и племето Масаи кое ги изведува своите танци и скокови проследени со викотници.

Посета на џунглата со зачини и можноста да се види како изгледа и расте куркумата, каранфилчето, циметот, ѓумбирот, ванилата, афродизијакот, која е разликата меѓу црвениот, црниот и белиот бибер и главната состојка на Chanel no. 5 парфемот.

Ако крајот го краси делото особено значење му придавам на зајдисонцето на Kae Funk плажата и островот прогласен за морски резерват – Мнемба.

Најпопуларно место за нуркање со големи живописни корали, дом на многубројни подводни желки и делфини, а воедно и остров кој многу често е посетуван од Бил Гејтс. Да одиш на Занзибар без да го посетиш The Rock Restaurant исто како да не си бил!

Со ова прашање ќе го завршиме разговорот. Што за тебе претставува Hakuna Matata?

Посакувам на сите да го доживеат Занзибар онака како што јас го доживувам. Од нив научив работите да ги извршувам со помалку стрес. Дека секој ден е нов ден, но тоа значи еден ден помалку, а не повеќе.

Затоа Hakuna Matata – No worries, take it easy! Оваа реченица ми ја промени животната филозофија. Занзибар е љубов, Занзибар е енергија и вајб.

Занзибар може да ви го промени животот, ако му го дозволите тоа. Затоа ги охрабрувам сите кои сакаат да видат нешто ново, необично да не се двоумат во изборот. Сигурна сум дека ќе делиме слични импресии. Африка како на Discovery!

Scroll to Top